Иран е за дипломатија, Трамп потврдува дека контактирале
Иранските власти испратиле покана до САД за преговори, откако веќе над две недели во исламската република се одржуваат демонстрации против актуелната власт и лошата економска состојба во земјата.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иранските лидери го контактирале и го повикале на разговори. Сепак, не исклучувајќи ја можноста за преговори, Трамп предупреди и дека Вашингтон може да биде принуден да дејствува дури и пред да се случи таков состанок, со оглед, како што додаде, на континуираните протести во Иран. Како што рече, неговата администрација ги следи протестите и продолжува да ја разгледува можноста за воена интервенција.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Се чини дека се убиени некои луѓе кои не треба да бидат убиени. Тие се насилни – ако ги наречете лидери, не знам дали се лидери, тие владеат преку насилство. Но, ние го разгледуваме тоа многу сериозно. Ако го сторат тоа, ќе ги погодиме на нивоа на кои никогаш порано не биле погодени и тие дури и нема да веруваат во тоа. Имам опции кои се толку силни. Значи, ако го сторат тоа, ќе бидат пречекани со многу, многу моќна сила“.
Со прекин на интернетот и телефонските линии, тешко е да се процени ситуацијата во Иран. Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети, илјадници уапсени на протестите против режимот. Претходно, претседателот на иранскиот парламент ги предупреди САД и Израел дека би можеле да бидат мети доколку Америка го нападне Иран. И израелските власти внимателно ја следат состојбата. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика иранските власти да покажат „максимална воздржаност“.
Антонио Гутереш – генерален секретар на ОН
„Шокиран сум од извештаите за насилство и прекумерна употреба на сила од страна на иранските власти против демонстрантите, што доведе до голем број смртни случаи и повредени во изминатите денови. Правата на слобода на изразување, здружување и мирно собирање мора целосно да се почитуваат и заштитат“.
Според податоците на активистичката агенција „Хјуман рајтс активистс“ со седиште во САД, во последните 15 дена загинале најмалку 544 лица. Од нив, 483 се демонстранти, а 47 се припадници на безбедносните сили. Меѓу жртвите има и осум деца.

