Инженери на Македонија: Паушалните сметки за струја одат на Уставен суд
Укинување и преиспитување на законски одредби со кои се овозможува издавање на паушални фактури за струја, бараат од Здружението „Инженери на Република Македонија“ преку иницијатива поднесена до Уставен суд.
Иако Законот за енергетика од 29 мај 2025 година наложува фактурите да се издаваат исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка преку отчитување на броилото, од ИНРМ велат дека ЕВН во своите фактури користи и процена на потрошувачката.
ИНРМ
- Основна причина за оваа иницијативата е непримената на членот 185 став (2) од Законот за енергетика и во тоа што подзаконските акти (како што се Правилата за снабдување со електрична енергија) овозможуваат фактурирање врз основа на „проценета состојба“ – нешто што е во директна спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој наложува сметките да се базираат на реална, фактичка потрошувачка утврдена со отчитување на мерниот уред. Поради тоа се јавува потреба за итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преземање регулаторни и надзорни мерки против ЕВН поради незаконска пракса на паушално фактурирање, спротивно на одредбата од новиот Закон за енергетика и правата на потрошувачите.
Од Ресорното министерство за енергетика, ЕВН како и Регулаторна комисија не сакаа да ја коментираат иницијативата. Од регулаторна кратко објаснија дека по нивна сугестија во новиот закон за енергетика стои дека на секоја сметка за струја треба да стои дали броилото е отчитано или не.
Регулаторна комисија
- По наша сугестија беше направено да стои на асметките дали е броилото отчитано или е прогнозирана потрошувачката.
Новиот закон за енергетика беше донесен пред два месеци. Министерката за енергетика, Сања Божиновска тогаш нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем и додаде дека сè што е добра практика во ЕУ се имплементира во Законот за енергетика.

