Институтот за јавно здравје: Вработени земале плата без да доаѓаат на работа

Раководството на Институтот за јавно здравје алармира за низа неправилности во работењето на институцијата, откриени по внатрешните контроли и ревизорските проверки. Според директорката д-р Марија Андоновска, биле утврдени случаи на вработени кои со години не се појавувале на работните места, а редовно примале плата и биле евидентирани како присутни.

Како што посочи таа на прес-конференција, дел од вработените биле внесувани во системот за присуство иако физички не биле на работа. Според нејзините информации, постоела практика други лица да ги евидентираат во системот, со што се создавала привидна слика за редовно исполнување на работните обврски.

Овие наоди се надоврзуваат на неодамна објавениот извештај на Државниот завод за ревизија, во кој биле констатирани сериозни слабости во финансиското и организациското работење на Институтот за 2024 година.

 

Дополнително биле откриени исплати на разни надоместоци и договори за дополнителни активности на лица кои веќе биле редовно вработени во институцијата. Според раководството, дел од овие исплати не биле соодветно образложени и значително го оптоварувале буџетот на установата.

Меѓу забележаните неправилности се наведуваат и високи трошоци за службени возила и гориво, користење картички за точење гориво од лица кои не биле дел од институцијата, како и користење деловен простор без соодветна правна документација.