Инспекторите на терен за профитните маржи, денеска на ред малите маркети и бурекџилниците, од утре и трговците на големо
Повеќе од 120 инспектори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) низ цела држава вршат проверка дали се почитува одлуката за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи. Поделени во повеќе од 40 тимови, ротирани во различни градови, инспекторите од вчера ги контролираат големите маркети на цела територија на државата, а како што најави директорот на ДПИ Горан Трајковски, од денеска ќе ги контролираат малите маркети и бурекџилниците, а од утре трговците на големо. Ќе проверат и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.
Владата на вонредна седница на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа до 10 отсто за повеќе основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, меѓу кои леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук,...
Досега нема казнети маркети, а казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра, и доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики согласно Законот за потрошувачи има можност и за затворање на објекти.