Инспектори влегоа во психијатриската болница во Демир Хисар
Здравствени инспектори денеска влегоа во психијатриската болница во Демир Хисар и вршат вонреден надзор, откако пред три дена беше обелоденет скандалот со 17-годишно момче со аутизам, кое во болницата било врзувано.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инпекторат Рената Младеновска потврди дека надзорот е во тек, но не можеше да даде повеќе детали.
За овој случај, предмет отвори и Народниот правобранител. Во синоќешното гостување во Аргумент плус, Насер Зибери соопшти дека до него стигнале три претставки, една од детската амбасада Меѓаши и две од граѓани. Тој откри дека е формирана меѓусекторска група, која проблемот ќе го набљудува од повеќе аспекти, како постоење на повреда на здравствно право, повреда на дески права и повреда на права на лица со попреченост.
Омбудсманот вели дека е разочаран од овој скандал, оти пред само три месеци, тој, како национален превентивен механизам, укажа на овие проблеми и предупреди дека, во психијатриските болници во Демир Хисар и Скопје се применуваат ригорозни методи, кои можат да имаат сериозни последици по здравјето на пациентите.
Пред два дена, мајката на 17-годишно момче со аутизам на социјалните мрежи објави фотографии, на кои се гледаат рани по телото на најзиниот син, обвинувајќи го персоналот на психијатриската болница во Демир Хисар дека без знаење на родителите, момчето насила било врзувано. Министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на болницата завчера изјавија дека детето било лекувано согласно протоколите и било врзувано само кога било опасно за себе и за другите.
Пред четири месеци на социјалните мрежи беа објавени видеа од затворското одделение во болницата во Бардовци, на која се гледа како затворски пациент физички малтретира други пациенти. Епилог на овој настан беше надзорот на Државниот здравствен инспекторат кој и нареди на болницата да обезбеди лична сигурност на пациентите за време на нивниот престој во здравствената установа.