Инспектори од УЈП го чешлаат работењето на кавадаречки Еуроникел
Управата за јавни приходи го тресе работењето на кавадаречки Еуроникел индустри. Проверува дали се точни податоците во документацијата, со која компанијата бара поврат на 1,2 милинони евра по основ на ДДВ.
Од УЈП велат дека ваквите контроли се прават кај даночните обврзници кои покажале одредени отстапувања во однос на избраните критериуми, направени анализи, примени пријави и претставки, сознанија од други органи. Иако, од синдикатот на Еуроникел тврдат дека контролата завршила уште минатата недела, од управата не соопштуваат детали, повикувајќи се на даночна тајна.
„Кај посочениот даночен обврзник изминатиот период се вршеше надворешна контрола по основ на даноци, и по исходот од истата ќе се постапува согласно законските надлежности на Управата за јавни приходи. Како и досега, така и во овој случај, согласно член 9 од Законот за даночна постапка информацијата во однос на исходот од контролата како и констатациите од истата, претставуваат даночна тајна.“
Токму во овие пари од повратот на ДДВ 800 вработени од гигантот за производство на фероникелова руда гледаат исплата на заостанатата плата за октомври. Блокадите на патиштата кои ги почнаа минатата недела не донесоа резултат, иако уште пред две недели за тоа добија ветување од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Работниците сенеска два часа го блокираа патот Градско - Прилеп.
Од синдикатот на Еуроникел велат дека и покрај неколкудневните блокади, реакција од надлежните нема. Проблемите во компанијата почнаа пред еден месец, откако нивниот главен снабдувач со руда и фероникел во неколку дена ги намалил и ги изменил нарачките, што значеше и сопирање на производството.
Извори на ТВ 24 тврдат дека ова е притисок кон сопственикот на Еуроникел, компанијата Џи Сол да ја продаде фабриката, а како најсериозен купувач се споменува грчкиот бизнисмен Константинос Даскалакис, кој пред дваесеттина години беше генерален директор на тогашното Фени.