Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март
Вонреден Конгрес за смена на Мицкоски во време кога ВМРО-ДПМНЕ почнува со собирање граѓански потписи против пописот. Додека партијата бара предвремени парламентарни избори и оддложување на пописот на населението за една година, во јавноста се испраќаат пораки дека внатрешната политика на ВМРО-ДПМНЕ е поделена и раскарана.
Од иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ велат дека причините за гласање доверба и барање отчет од Мицкоски како и негова смена од позицијата лидер, се бегањето од одговорност, лошиот рејтинг како и поразите на парламентарните, претседателските, но и предвремените локални избори во Охрид, Штип и Ново Село.
- Сите оние делегати кои пристапија кон иницијативата се едногласни во ставот дека Христијан Мицкоски ги изневери очекувањата, дека партијата е руинирана до тој степен на непрепознатливост и дека со негово понатамошно водство на ВМРО ДПМНЕ, партијата и понатаму ќе тони. Затоа одлучивме дека вонреден конгрес е неминовен и тој ќе се оддржи на 28 март. - Борче Стамов иницијативен одбор ВМРО-ДПМНЕ.
Додека од Иницијативниот одбор најавуваат дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот во март, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека иницијативата за смена на Мицкоски е нестатутарна и политички координирана со СДСМ, со цел дефокусирање на реалните проблеми во државата.
- Овие иницијатори заедно со Заев којшто исто така најави конгрес на СДСМ, да оддржат сплотени заедно со Заев еден заеднички конгрес . Ако веќе одработуваат за Заев нека биде тоа на еден економичен начин, на исто место и со иста цел. - Антонио Милошоски ВМРО-ДПМНЕ
Незадоволството од актуелното раководство во ВМРО-ДПМНЕ почна по изборниот пораз во јули, групата која отворено бара оставка од Мицкоски ја предводат поранешните функционери кои важат за блиски до Мијалков, истовремено во партијата фигурира и трето крило кое бара позначајно свртување на партијата кон европски вредности и политики.