Иницијативата за референдум во Собрание, на потег матичните комисии
Кој е за а кој се плаши од референдумот. Зошто Да и зошто Не? И денеска партиите во клинч откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за референдумското прашање за прекинување на важноста на договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и денеска на својот ф.б профил се огласи дека не се откажува од идејата за со референдумот да се организираат не само предвремени парламентарни туку и претседателски избори. Со порака и од неговата партија директно упатена до Бихаќка дека партијата на власт нема стратегија, но има страв да се соочи со граѓаните.
Од Бихаќка пак и денеска со контра став на Мицкоски дека на секој можен начин преку барања за референдуми и избори се обидува да ја опструира државата но без конкретен одговор како ќе се спротистават на овие политики и барања за референдум и дали ако истиот се одржи ќе го бојкотираат или ќе гласаат против.
Најрано понеделник - најдоцна до вторник на полноќ ќе се знае судбината на иницијативата за референдум на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако вчера тие ја поднесоа до собранискиот спикер Џафери. Сега топката е токму во рацете на претседателот на законодавниот дом кој ќе треба да ја оцени уредноста на овој документ и барање за референдум за потоа да може да ја продолжи собраниската процедура.
Одлуката за ова покрај опозициската ВМРО ДПМНЕ ја чекаат и во Бихаќка каде на координација ќе одлучуваат како ќе постапат и кое од неколкуте сценарија е вистинското по кое понатаму ќе постапуваат.
Без целосно јасен став и коалициската ДУИ чии лидер Ахмети пак вчера само јасно порача дека лично тој не гледа потреба сега од организирање на референдум.