„Иницијативата 12:05“ до СДСМ: Ја разбираме нервозата на Бихаќка по нашето излегување на терен, за СДСМ тие се проект на Мицкоски
Дискусија за состојбите во СДСМ, адресирање на стратегијата на опозицијата, која во моментов не може да биде реален конкурент на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, но и дебата со таканаречениот независен кампус, кој би сакале да го придобијат во своите редови – ова, според дел од фронтмените на иницијативата „12:05“, е целта на средбите што досега дел од поранешните функционери на СДСМ, Игор Ивановски, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ и Никола Чуркчиев, ги остварија во Тетово, Куманово и Ѓорче Петров.
На средбите, според фотографиите објавени на социјалните мрежи, домаќини им биле дел од поранешните функционери на СДСМ, кои се појавија и на трибината на платформата.
Во Тетово, платформашите ги пречекал Стојко Пауновски, поранешен пратеник, а на фотографијата може да се забележи и актуелната пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, како и Ема Нешковска.
Во Куманово, присутен бил и независниот кандидат за градоначалник кој влезе во вториот круг со Максим Димитриевски, наспроти кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски – Горан Стојковски – Диро. На фотографиите е и актуелниот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Во Ѓорче Петров, на средбата биле присутни Александар Бајдевски и Насе Насев.
Појавувањето на иницијативата „12:05“ во дел од општините беше дочекано остро од нивните сопартијци во СДСМ, кои констатираа дека се несериозни бидејќи, наместо во партиските простории, средбите ги одржуваат по кафулиња и хотели.
Од платформата возвратија со контраобвинување – општинските организации, како што велат, се буквално непостоечки, а со месеци никој не влегол во нив ниту, пак, контактирал со дел од членовите на СДСМ.
„Иницијатива 12:05“
„Ние сме многу загрижени за овие состојби и се обидуваме да добиеме квалитетен придонес од различни општествени структури кои изразуваат подготвеност заедно да ги поставиме темелите за ново опозициско обединување, кое ќе има сила да ја порази владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Ја разбираме нервозата во раководството на СДСМ, но ние не сме виновни што нивниот единствен интерес е да си ги зачуваат фотелјите на „Бихаќка“, без разлика на фактот дека партијата е на егзистенцијален минимум. Јавното морализирање сега е евтин обид да се создадат лажни жртви.“
Од СДСМ, пак пак официјално само порачуваат дека се што имле да кажат за како што велат Знам 2.0 кажале
СДСМ
- Сè што имавме за платформата ЗНАМ 2.0 кажавме. Проектите на Христијан Мицкоски нема да ги коментираме.
Она што е заедничко за раководството на Филипче и за платформашите предводени од Ивановски е тоа што од септември најавуваат засилени теренски активности.Од платформата најавуваат и нова сесија на трибини „Разговори за иднината“ во рамките на иницијативата „12:05“.

