Инфлацијата во јуни благо забави за цели 0,5%

По месеци раст, инфлацијата забавува. Иако незначително, статистиката во јуни измери дефлација од 0,5 проценти во споредба со претходниот месец. Забавува и годишната инфлација – индексот на трошоците на животот во јуни е за 3,4 проценти повисок отколку пред една година, што покажува дека ценовните притисоци постепено се смируваат. Според Државниот завод за статистика, најголем придонес за месечниот пад на цените има храната, а поевтини се и транспортот, мебелот и рекреацијата. Истовремено, благо поскапеле алкохолот и тутунот, рестораните и хотелите, како и дел од останатите услуги. И додека статистиката бележи благо намалување на цените, во Собранието продолжува судирот околу ребалансот на Буџетот. Опозицијата и денеска тврди дека ребалансот е признание оти првичниот Буџет бил нереален, додека власта се брани - ребалансот обезбедува повеќе пари за капитални инвестиции.

Расправата прерасна во судир меѓу пратениците Фатмир Битиќи и Благој Бочварски и заменик-министерот за финансии Николче Јанкулоски. Наместо за ребалансот, двајцата полемизираа околу тоа која власт реализирала повеќе капитални проекти, кој повеќе ја задолжил државата, па дури и околу тоа од која политичка партија доаѓа заменик-министерот.

Со ребалансот, Владата ја намалува проекцијата за економскиот раст од 3,8 на 3,5 проценти, ја зголемува очекуваната просечна инфлација од 2,5 на 4,5 проценти, а буџетскиот дефицит го проширува од 3,5 на 4,1 процент од БДП, но уверува дека дополнителното задолжување ќе биде насочено кон капитални инвестиции, а не кон тековни трошења.