Инфлацијата со минимален пад на месечно ниво, на годишно останува до плафон

Инфлацијата во септември бележи мало намалување во однос на август. Tрошоците на животот се пониски за 0,2 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сепак, на годишно ниво инфлацијата останува на 4 проценти, додека цените на мало се зголемени за 4,1 отсто.

Главната причина за месечниот пад е поевтинувањето на транспортот, рестораните и хотелите, како и на рекреацијата, културата и дел од храната. Од друга страна, поскапеле алкохолните пијалаци и цигарите, комуникациите и дел од комуналните услуги, кои ја држат годишната инфлација.

„Намалувањето на инфлацијата во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 3.3 %, Ресторани и хотели за 1.3 %, Рекреација и култура за 0.7 %, Облека и обувки за 0.3 %, Разновидни стоки и услуги за 0.2 % и Храна и безалкохолни пијалаци за 0.1 %.“

Овие бројки во пракса не значат ништо за работникот, велат од Сојузот на синдикатите. Според нивните пресметки, цените на мало за дел од основните производи во последната година пораснале за дури 20 проценти, па затоа не веруваат во официјалните бројки од статистика.

На одбележувањето на 7 Октомври - Денот на пристојна работа, од ССМ уште еднаш го повторија ставот за итно зголемување на минималната плата на 500 евра.

Иако септември донесе мало олеснување кај дел од трошоците, статистичките податоци покажуваат дека граѓаните и натаму се соочуваат со високи цени и значително оптоварен семеен буџет.