Инфлацијата се искачи на загрижувачки 19,5 отсто на годишно ниво

Речиси 20 проценти инфлација на годишно ниво измери Државниот завод за статистика. Според нивниот последен извештај објавен денеска, трошоците за живот во минатиот месец се искачиле за дури 19,5 отсто во споредба со истиот месец лани.

Покрај загрижувачката инфлација, цените во ноември годинава бележат зголемување од 15,2 отсто. Стапката на инфлација е речиси непроменета во однос на минатиот месец, кога беа измерени рекордни 19,8 проценти.

За една година естремно поскапе храната, чии цени сега се за 30 отсто повисоки од лани. Огромно поскапување статистика измери и кај сметките за комуналии, кои овој ноември биле поголеми за 20 отсто во споредба со ланскиот. Транспортот е поскапен за 16,5 отсто, а токму овие три ставки ги погодуваат платите на граѓаните и се голема опасност за лицата со ниски примања.

Зголемување кај трошоците на едно четиричлено семејство во ноември регистрираше Сојузот на синдикати, во пресметката на месечната потрошувачка кошничка. За преживување биле потребни 51.714 денари, што е за 200 денари повеќе во однос на октомври, а за 1.490 денари во споредба со септември.

Минатиот месец за храна биле потребни минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци речиси 13.000 денари што, вкупно пресметано, е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка, во која не се пресметани рати за кредити, кои ги има речиси секое семејство.

Антикризните мерки кои Владата ги донесе само го запреа понатамошното екстремно зголемување на цените, но не придонесоа кон намалување на инфлаторната спирала. Производителите на основни прехранбени производи од почетокот на следната година најавија мало намалување на цените на лебот, млекото и месото. Од друга стрнаа, државата им објави војна на оние, кои неосновано ги зголемиле или не ги намалуваат цените на своите производи.