Инфлацијата повторно до плафон!

Инфлацијата во октомври повторно се искачи и на годишно ниво достигна 4,5 проценти, а цените на мало пораснаа за 2,8 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Граѓаните плаќаат најмногу за храна, чија цена за една година е зголемена за 7 проценти, додека алкохолот и тутунот поскапеле за 6,7 проценти, а мебелот и опремата за домаќинствата за 4,7 проценти. Најголем годишен раст има кај индустриските прехранбени производи – 7,5%, како и кај прехранбените производи воопшто – 6,7%. Земјоделските производи поскапеле за 4,3 проценти, а пијалаците за 1,4 проценти. Индексот на цените на мало месечно е зголемен за 1,3 проценти. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пресметал дека порастот на инфлацијата е идентичен со растот на синдикалната кошничка, 4.500 денари повеќе им требаат на граѓаните за основни потреби.

Од опозицискиот СДСМ реагираат дека инфлацијата од 4,5 проценти е спротивна на, како што велат, владините уверувања дека таа ќе падне под 3 проценти. Од таму порачуваат дека растот на цените го намалува стандардот, платите стагнираат, а сметките растат и граѓаните имаат сè помалку пари. 

„За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард.“

Критики за економските политики Владата доби и во последниот извештај на Европската комисија, каде се нотира забавен напредок и недоволно фискална консолидација.

Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со дел од забелешките и уверува дека годината ќе заврши со инфлација меѓу 3,5 и 4 проценти, додека Народната банка ја проектира на 3,9 проценти.