Инфлацијата ќе биде повисока од очекуваното - и Централната банка и владата ги зголемија проекциите
За 24 часа и владата и Народна банка ги зголемија проекциите за инфлацијата за годинава. Од Централната банка од првичните 2,5 отсто денеска објавија дека очекуваат инфлацијата годинава да се зголеми на три отсто.
Растот на цените на нафтата како и на прехранбените производи ќе ги зголемува трошоците на живот на граѓаните, од следната година експертите од Народната банка очекуваат инфлацијата да се намали на два отсто.
„Најновите оцени упатуваат на просечна стапка на инфлација од 3 проценти во 2025 година, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5 проценти. Оваа промена ги одразува малку повисоките остварувања во првиот квартал оваа година, но и нагорните ревизии на оцените за цената на суровата нафта и на основните прехранбени производи на светските берзи.“ - Народна банка.
Што се однесува до очекувањата на властите, тие вчера објавија дека од првичната проекција согласно буџетот за годинава инфлацијата да заврши на ниво од 2,2 отсто. Но, со ребалансот на буџетот ресорната министерка Гордана Димитриевска Кочоска објави дека очекува зголемување на трошоците на живот на граѓаните и стапката ја проектираше на 2,8 отсто инфлација. За економистите ваквиот раст е очекуван, не само поради надворешните влијанија, туку и поради тоа што мерките кои ги спроведуваат властите не даваат никакви резултати, вели за тв 24 професорот Абил Бауш.
„Дома ние имаме одредени механизми како да ја зауздаме инфлацијата, нели со монетарна и фискална политика. Ако имаме покачување на каматите за потрошувачки кредити кои дополнително ја зголемуваат инфлацијата, сега дали Централната банка ќе превземе некоја политика на зголемување на каматните стапки тоа ќе се види дополнително, интервентно. За разлика од тоа фискалната политика со години ја следиме и гледаме дека таму ништо не се случува останува сивата зона.“ - Абил Бауш економист.
Веднаш по стартот на воениот конфликт помеѓу Израел и Иран, кога се појавија и првите најави за раст на цената на енергенсите, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски предупреди дека нема простот произведувачите и трговците на храна да ги зголемат цените на прехранбените производи. Токму храната беше таа што галопирачки поскапе во време на енергетската криза пред неколку години, но кога цените на нафтата и струјата паднаа на едно пристојно ниво, цените на храната никогаш не се намалија, затоа сега не смее повторно да се зголемат.

