Инфлацијата го јаде семејниот буџет

Стапката на инфлација во земјава се намалува поспоро од предвидувањата на надлежните. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите четири месеци од годинава во споредба со истиот период лани трошоците на живот се зголемени за 15,3 отсто.

Во истиот периот трошоците на домаќинствата за набавка на храна и пијалоци се на рекордно ниво од цели 22 отсто. Што се однесува на состојбите на годишно ниво, во април годинава во однос на април лани инфлацијата е на ниво од 13 отсто а пак трошоците за прехранбени производи се зголемени за 16,5 отсто.

Доколку ги погледнеме производите кои граѓаните најчесто ги купуваат, може да се забележи дека токму тие учествуваат во намалувањето на куповната моќ на граѓаните.

 

Трошоци на живот 2023/2022

Храна и безалкохолни пијалоци 16,5%

Леб 25%

Млеко, сирење, јајца 22%

Месо 26%

 

Статистичарите забележале дека за седум отсто се зголемени трошоците за електрична енергија и пет отсто за транспорт. Исто така има и неколку процентно зголемување на трошоците на граѓаните за зеленчук, додека намалување на трошоците има кај овошјето и маслата за јадење од дестина отсто.

Анализата на Телевизија 24 ја продолжуваме со податоците од април лани во споредба со истиот месец во 2021 година. Трошоците за живот во тој периот се зголемени за 10,5 отсто. Повторно основните прехранбени производи најмногу го оптоваруваат домашниот буџет. Лебот е поскап за над 17 отсто, месото за повеќе од 10 отсто а пак за набавка на млеко, сирење и јајца потребни биле средства повеќе за девет отсто.

 

 Трошоци на живот 2022/2021

Храна и безалкохолни пијалоци 14, 8%

Леб 17,2%

Млеко, сирење, јајца 9,1%

Месо 10,4%

 

За разлика од последниве три години, трошоците на живот во предкризните години, односно од 2021 до 2019 година се далеку пониски или воопшто незначителни и се движат од близу три отсто до нешто на нулата.

 

ТРОШОЦИ НА ЖИВОТ

АПРИЛ 2023/2022 13%

АПРИЛ 2022/2021 10,5%

АПРИЛ 2021/2020 2,7%

АПРИЛ 2020/2019 0,1%

 

Според прогнозите на Народната банка, до крајот на годинава се очекува постепено забавување на инфлацијата. Според гувернерката Анита Ангеловска Бежоска просечната инфлација ќе се задржи на ниво помеѓу осум и девет отсто. Ваквите проекции од Централната банка се со образложение дека на глобално ниво се намалуваат цените на енергенсите, а има и ценовни притисоци врз храната.