Инфлацијата го “изела” македонскиот стандард во 2025

И во последниот месец од ланската година Државната статистика пресмета раст на трошоците за живот за над 4%. Цените на мало во маркетите се зголемени за 3.6%.

Според статистичарите повторно најмногу трошоци граѓаните од семејниот буџет имаат за набавка на храна и безалкохолни пијалаци. Овие трошоци се зголемени за 5,3% на годишно ниво. Доколку ги анализираме и останатите трошоци може да се забележи дека има раст кај режиските трошоци од 2%, речиси идентични се трошоците за комуникации и транспорт, а нешто повисоки или 3% се зголемени трошоците за здравствена заштита.

Државен завод за статистика

„Зголемувањето на инфлацијата во декември 2025 година, во однос на ноември 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 5.8 %, Рекреација и култура за 0.8 %, Здравје за 0.7 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.5 %, Ресторани и хотели за 0.4 %, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.2 %, Разновидни стоки и услуги, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1 %.“

Властите веќе посочија дека нема да носат краткорочни мерки кои ќе ја зауздаат инфлацијата која е двојно повисоко од речиси половина држави од ЕУ со образложение дека ад-хок мерки не даваат резултати на долг рок.

Најавени се измени во законот за нефер трговски практики кои ќе предвидуваат драстично повисоки казни и ставање во ред на трговијата на големо и мало. Во истовреме синдикатите не се откажуваат од намерата интервентно да се зголеми минималната плата на 600 евра, која треба да придонесе и раст на останатите пати се со цел повисок стандард на граѓаните и доволно средства за достоинствен живот.