Инфлацијата до „плафон“ - 4% за ноември

Инфлацијата во ноември продолжи да расте. Според Државниот завод за статистика, цените се повисоки за 4 проценти во однос на истиот месец лани, а за еден месец, од октомври до ноември, трошоците пораснале за 0,5 проценти. Ценовниот притисок најмногу доаѓа од транспортот, каде што трошоците скокнале за 1,7 проценти.

Поскапеле и рекреацијата и културата за 0,9%, храната и безалкохолните пијалаци за 0,7%, а мебелот и покуќнината за 0,5%. Дополнителни зголемувања има кај рестораните, хотелите и здравството, по 0,3%, кај алкохолните пијалаци и тутунот за 0,2%, како и во комуникациите, облеката, обувките и домувањето, по 0,1%. 

Само две групи останале без промени, разновидни стоки и услуги и образованието. Поради постојаниот раст на инфлацијата, Сојузот на синдикати на Македонија бара итен состанок на Социјално-економскиот совет за да се разговара за покачување на платите. Велат, работниците веќе не можат да издржат со вакви цени.

Од ССМ предупредуваат дека доколку институциите не реагираат, ќе следуваат притисоци на улица. Поскапувањата, велат, директно го јадат стандардот и ја продлабочуваат сиромаштијата.

Во меѓувреме привршува собраниската расправа за новиот буџет, во кој власта проектира економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 2,5 отсто. Ова е трет месец во кој статистика забележува годишен раст на ифлацијата од најмалку 4%.