Индира Кастратовиќ за Аргумент плус: Треба повеќе да се вложува во женските ракометни клубови
Спортската директорка на ЖРК Вардар и ракометарката Индира Кастратовиќ во Аргумент плус рече дека во моментов целта на клубот е да им помогне на младите играчи побрзо да се вклопат во тимот и да чекорат кон својата кариера. Покрај тоа, Кастратовиќ порача и дека потребно е многу повеќе да се вложува во женскиот ракомет.
„На нашите играчи им помагаме да имаат добар почеток кај нас и им даваме поттик и понатака да продолжат и во други клубови да ги градат своите кариери. Сметам дека треба многу повеќе да се вложува во клубовите бидјеќи без стратегија и вложување нема репрезентација“, изјави Кастратовиќ.
Таа зборуваше и за поканата за влез во „Куќата на славните“ и сподели дека таквиот чекор бил големо изненадување за неа.
„Кога отидовме таму од Европската ракометна федерација ни оддадоа голема почит. Тоа е шлаг на тортата за сите спортисти и прави да не се чувствуваме заборавени. За мене најважно е тоа што македонската публика ме цени и почитува бидјеќи навистина дадов многу и се вложив максимално во спортот“, рече Кастратовиќ и додаде дека во текот на целиот кариерен процес најголема поддршка и биле семејството и сопругот.