Индекс на бирократија - Македонија со голем напредок, лидер во регионот

Бизнисот е се уште оптоверен со многу документи, чекање по шалтери и губење време во бирократските процедури за водење на бизнисот. Работодавачите велат дека од една страна, работатата се успорува поради голем број на процедури и поднесување на разноразни документи и купишта хартија, а од друга страна државните чиновници вработени во институциите по партиски клуч, во голем дел не го олеснуваат работењето на компаниите.

„Најлошото што ни се случува е што партиски кадри или партиски војниц, како некои сами што милуваат да се етикетираат, се вработуваат во администрацијата. Идеално би било кога во администрацијата ќе се вработат луѓе кои не се занимаваат со политика и не се партиски активисти, тогаш нивната единствена задача ќе биде да им помагаат на граѓаните и на бизнисот. А не да ги следат партиските директиви или да одговараат пред партијата“. - вели Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Истражувањето на невладините организации покажало дека индексот на бирократијата во земјавата е многу подобар од земјите во ЕУ. Главоболка на компаниите им прават честите измени на законите, а најмногу време се губи при месечните пресметки на плати и данок до УЈП, а проблем е и ПИОМ со неажурните податоци.  

„Да се подготвуваме со што повеќе дигитализација. Има простор за подобрување на веќе постоечките ситеми, пред се во е-даноци, како и во работата на пензискиот Фонд, бидејќи неажурноста на податоците во ПИОМ одзема доста време и за фирмите и на граѓаните при проверка на податоците“. - вели Сашо Клековски.

„На една типична македонска компанија и требаат 154 часа за да биде усогласена со регулативата. За споредба во Словачка на една компанија и требаат 240 часа, а во Шпанија, која што е најлошо рангирана, и требаат дури 370 часа. Македонија е лидер во овој поглед, тоа е покажано и со резултатите на Дуинг бизнис. Меѓутоа, она што го покажува истражувањето е дека во иднина, со процесот на асоцијација кон ЕУ, веројатно треба да очекуваме зголемување на товарот кон компаниите.“ - вели Никица Мојсоска.

Ќе се креира единствен регистар на сите административни процедури и зголемување на транспарентноста и отчетноста на државните службеници, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. Власта најави и расчистување меѓу редовина на администрацијата и намалување за 20%. Но нема таква најава и за административните службеници, чија бројка стигна до 17 745, што е зголемување за нови 540 во последните три години.