Инцидент во Ново Село: Филипче бара итно постапување на Обвинителството, ВМРО ДПМНЕ тврди дека опозицијата манипулира
Итна реакција од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по вчерашниот инцидент во струмичко Ново Село, каде што, според партијата, млади активисти на СДСМ биле нападнати од симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Инцидентот, според СДСМ, се случил за време на герила-акција, при што младите активисти истакнале транспарент со поддршка за граѓаните на Гостивар. Во тој момент, во локалното училиште како гости требало да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски и министерот Александар Николоски.
Од полицијата за Телевизија 24 велат дека до попладневните часови не била поднесена пријава за инцидентот.
МВР: „Ве известуваме дека во СВР Струмица нема пријава за таков настан.“
Телевизија 24 го контактираше советникот во Советот на Општина Струмица и учесник во герила-акцијата, Христијан Ефтимов. Тој тврди дека бил истакнат транспарент без навредлива содржина, што, според него, било констатирано и од полицијата. Посочува дека најпрво биле вербално, а потоа и физички нападнати од симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
За ВМРО-ДПМНЕ, обвинувањата на опозицијата се политички мотивирани, манипулативни и невистинити и, според партијата, доаѓаат поради недостиг на реални идеи и политики.
ВМРО-ДПМНЕ: „Во недостиг на позитивни политики и конструктивност, од СДС сметаат дека на ваков начин ќе дојдат до некој политички поен повеќе кај граѓаните. Лаги, измислици и манипулации – трите основни постулати на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Телевизија 24 побара информации од јавното обвинителство но оттаму не упатија кон МВР, од каде претходно известија дека нема пријава...

