Има ли спас за пластичната прекривка врз реките низ Македонија?
Foto

Има ли спас за пластичната прекривка врз реките низ Македонија?

Ова не се фотографии од Индија, ова е реалноста во Македонија. Реки полни со смет и пластични шишиња. 

Обилните врнежи од дожд ја вадат на виделина сета негрижа која граѓаните ја покажале кон природата. Реките низ државата наместо нов живот секоја пролет добиваат се подебела прекривка од пластичниот отпад. 

А состојбата наместо да оди на подобро, од година во година станува се позагрижувачка.

Сведок на тоа е и Миле Алексовски. Среќен е вели што имал можност да расте покрај чиста природа, но жали што убавините од минатото денеска се депонија. 

„Во моето место каде што пливав прв, сега се наоѓа депонија. Најмногу ми смета пластиката и опасноста од неа. За голема жал е дека свеста на граѓаните е многу ниска“ - вели Миле Алексоски, активист за заштита на животна средина.

Од свеста на граѓаните разочарани се и активистите. Никола Здравковиќ од „Не биди ѓубре“, вели дека многупати останале зачудени од односот кон природата.

„Многупати сме биле сведоци, ќе земе шише ќе фрли, дете сокче ке фрли. Ако ви кажам дека од 50 вреќи, 30 се пластика од само една акција“ - вели Никола Здравковиќ, невладина „Не биди ѓубре“. 

Глетката од пластичниот отпад е навистина непријатна, но очигледно дека многу поголемата опасност се крие во нејзиното влијание врз животната средина, оттука и за сите нас.

„Пластиката е материјал направен од човекот и насекде има негативно влијание. Целиот процес е комплексен и треба време да се разложи се распаѓа полека полека и оди во целиот еко - систем“ - вели хемичарот Богданов. 

Миле, Никола и Јане решението го гледаат во заедничка акција, институционална, но и граѓанска.

Кога свеста е ниска, санкциите за неодговорното однесување кон сопственото природно богатство мора да бидат поголеми, оти имаме должност природата да ја зачуваме и за генерациите кои доаѓаат по нас.

0 Коментари

Остави коментари