Има ли простор за маневар по заклучоците кои ги потврди Европскиот совет за Македонија

Премиерот Мицкоски изненаден од изјавата на бугарскиот технички премиер Главчев - немаше официјална средба, само краток разговор на заминување, по Самитот во Брисел. Откако Димитар Главчев вчера изјави дека му порачал на Христијан Мицкоски да се намали јазикот на омразата во Македонија, премиерот вели дека размениле само неколку реченици. 

- На излегување ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап, одличен говор и дека на тој начин треба да се градат односите меѓу двете земји. Јас на тоа одговорив, одлично ајде во скора иднина да ја кренете рампата да преговараме и на тоа добив одговор, абе знаеш во нашиот парламент сите се против вас. Еве отприлика ова беше разговорот, ако ова е состанок. - рече Мицкоски.

За да се види суштината на спорот и дали проблемот е само во неспроведените уставните измени, Мицкоски вели дека во Брисел предложил пратениците во Европаралментот да поднесат резолуција за македонскиот многувековен идентитет и јазик. 

А на само еден ден по Европскиот Совет, во Софија денеска на официјални средби со Радев и Борис, претседавачот со ЕУ - Виктор Орбан. Македонија не се спомна на пресот со бугарскиот претседател Румен Радев. Борисов, пак го најави Орбан уште пред два дена како пријател стар 20 години. 

- Јас сум сигурен дека неминовен дел од раговорите што унгарскиот премиер ќе ги има со бугарското раководство ќе биде и билатералниот спор. Имајки ги предвид сите иницијативи што претходно ги даде Унгарија, како и заложбата за поттикнување на процесот, ќе се обиде да направи една подобра атмосфера за билатералните разговори. - Васко Наумовски поранешен вицепремир за европски прашања.

Нема голем простор за маневар во оваа фаза, по заклучоците кои ги потврди вчера Европскиот Совет, порачуваат експертите. 

- Мислам дека пораката од ЕУ е дека било кои маневри, околу првиот овој почетен статиум за измените на уставот е дека немаме простор за дискусија. И со дел од дипломатската заедница, со кои разговараме, се препорачува да се насочи фокусот на националните чинители, на она што следува потоа, односно да се превенира дополнителни блокади во процесот, меѓутоа многу простор за манвар во оваа фаза, според заклучоците, нема. - Симонида Кацарска директорка ЕПИ.

Според  заклучоците за Македонија, земјите-членки на ЕУ, се согласија дека земјата треба да го забрза процесот на уставни измени за старт на преговорите по кластери. На Самитот со регионот, се донесе и Декларација за Западен Балкан. Во точка 12 за Македонија стои, спроведување, на како што пишува - меѓународните договори со Грција и Бугарија.