Има ли малверзации во тендерот за набавка на јаглен за РЕК Битола?

Две фирми со различно име. На ист тендер добиле државна зделка вредна 9,5 милиони евра. Она што паѓа во очи е една работа која им е заедничка - газдата.

Во сопственичката структура на Квантум солушнс и Енерџи икс, фирми регистрирани во мај, кога течел тендерот за набавка на јаглен за РЕК Битола, фигурира едно исто име, на 45-годишниот тетовчанец Аљибер Ибраими, објави Призма. Ниту Ибраими, ниту другите две имиња кои се појавуваат во сопственичката структура не се познати во енергетскиот бизнис.

Нејасно е како новоформирани фирми успеале да ја победат конкуренцијата и да добијат милионски тендер. Од Призма велат дека на адресите наведени во централен регистар вакви фирми нема, ниту пак некој слушнал за нив. Интересно е што во тендерските услови воопшто не се барало искуство во областа. Од државните електрани велат дека иако имаат законска можност да склучуваат договори без тендер, тие тоа не го прават, туку добавувачите ги бираат на јавен и транспарентен начин.

„Законот не ги ограничува понудувачите со колку фирми ќе се пријават на јавните повици и не ги ограничува фирмите колку понуди ќе дадат на еден повик. Сопственичката структура на некоја фирма не е критериум, ниту за квалификација, ниту за дисквалификација при јавен повик и истата не се разгледува. Главен критериум по кој се оценуваат понудите е техничката соодветност, односно дали понудениот јаглен одговара по своите параметри на тоа што се побарува“, велат од ЕСМ.

Од ЕСМ велат дека критериуми се и количината која се побарува и цената која се нуди, не споменувајќи ги референците на понудувачот, како критериум. Ова доаѓа во време, кога државата реши да се бори со енергетската криза увезувајќи јаглен за производство, наместо веќе произведена струја и со тоа најави дека ќе обезбеди 100 проценти од потребите на домаќинствата. Во меѓувреме, на фирмите им стигнаа првите фактури по поскапувањето на струјата, а со тоа и првите реакции дека месечните сметки се милионски и се неиздржливи за водење бизнис.