Има ли корупција во проектите за коридорите 8 и 10?
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите кои се сомневаат во интегритетот, вработените, подизведувачите или во кој било од учесниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10, истото да го пријават во обвинителството.
Оваа изјава на Ковачевски следува како одговор на новинарско прашање откако ТВ24 вчера објави дека антокорупционерите постапуваат по поднесена претставка во врска со изборот на групацијата фирми предводена од италијанската ИРД Инжинеринг кои ќе вршат надзор, но и ќе даваат консултантски услуги при изградбата на патничките коридори 8 и 10. Ковачевски рече дека фирмите за надзор се избрани преку две тендерски постапки и повика сите евентуални неправилности да бидат пријавени.
Во групацијата фирми која ќе го врши надзорот на изградбата влегува и шпанската фирма Ептиса, за која владата најпрво бара истата да не биде дел од овој проект, за потоа, сепак преку изменета тендерска постапка две години подоцна Ептиса да стане дел од групацијата фирми кои ќе вршат надзор и ќе даваат консултантски услуги. Токму ова ќе биде предмет на истрага и за антикорупционерите, кои пак допрва треба да утврдат дали имало судир на интереси при тендерската и изменетата тендерска постапка.
Покрај спорниот момент со Ептиса и измените во тендерската постапка, Призма вчера објави дека во дел од фирмите кои ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 влегува и компанијата„Евро Консалтинг“, во која свој удел има и македонскиот државјанин Бранислав Димитриевиќ, кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развој и спроведување на проектот патен коридор север-јг во периодот од 2009 во 2018 година“.
Сите овие спорни моменти се наоѓаат на маса пред антикорупционерите, кои во наредниот период се очекува да споделат повеќе информации и да откријат дали имало коруптивни и криминални активности при спроведувањето на тендерската постапка за избор на надзор и трансакциски советник за изградба на патничките коридори 8 и 10.