Има индиции за нови вмешани во скандалот „Платежна агенција“

Дваесет и пет апликации кои ги исполнувале условите за добивање на пари од ИПАРД 3 програмата се откажале пред да ги добијат средствата. Тоа се случило непосредно пред да избие скандалот во платежната агенција со митото на веќе екс директорот Илија Стоилев.

Новата директорка на Платежната агенција Даниела Иротова Лазарева во интервју за телевизија 24 вели дека не сака  да прејудицира која била причината за откажувањето, па затоа целокупната документација директорката ја доставила до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. 

Даниела Иротова Лазарева директорка на платежната агенција

„Тие 25 случаи стасале до изготвување на договор и договорите не им се потпишани, луѓето се откажале од потпишување на договорот. Сакам да верувам дека не биле сите предмет на уцени и закани затоа што постојат и луѓе кои што од неможност за обезбедување на кредити и средства има случаи каде се откажуваат. Но за да бидеме сигурни дека не се злоупотребени овие луѓе, од моја страна сите овие 25 предмети со детални информации за субјектите се доставени до јавното обвинителство.“ 

Од обвинителството ни ги потврдија овие информации и ни посочија дека активно се работи на случајот, но бидејќи станува збор за предистрага дополнителни информации не можеа да ни соопштат.

Во овој период во кој истраѓните органи чешлаат  договори кои се случени во последните пет години, веќе имало одредени сомнежи за нови коруптивни зделки. 

Даниела Иротова Лазарева директорка на платежната агенција

„Правиме и други контроли на процеси кои се веќе спроведени, има одредени индиции, ќе оставиме да ги спроведиме докоментациите за сторени дела во минатото и да ги доставиме до обвинителството.“

Директорката додаде дека процесот на проверка е при крај и оние апликации кои се одобрени и ги исполнувбаат условите ќе ги добијат парите. Во целиот овој скандалозен период според неа, тоа што е добро е дека во ниту еден случај Брисел не се заканил дека ќе ја исклучи земјава од ИПА програмите. 

Екс директорот на платежна Илија Стоилев е во притвор и е осмничен дека побарал мито од 50 илјади евра за да фаворизира апликација за добивање на средства од европските фондови наменети за земјоделството. Обвинителството гони и плус четири лица како негови соучесници кои работеле во агенцијата и во други блиски институции поврзани со земјоделската дејност.