Има или нема бојкот од страна на 5те терестријални телевизии?
Foto

Има или нема бојкот од страна на 5те терестријални телевизии?

Има или не бојкот на владините активности на националните телевизии? Деновиве на вестите се забележува дека во новинарските прилози не се пуштаат тонски парчиња од изјави на министрите и техничкиот премиер. За настаните се известува, но владините функционери се изземени.

Дел од раководствата на телевизиите, со кои контактираше тв 24, не сакаа воопшто да разговаат на темата. Дел, пак, велат дека нема бојкот, туку станува збор за уредувачка политика.

Зошто петте национални телевизии се решија на ваков чекор засега е нејасно. Од Владата, неофицијално потврдуваат дека постои проблем во комуникацијата со телевизиите. Но официјално само велат дека сите евентуални недоразбирања ќе ги решаваат по пат на дијалог.

„Сите решенија ќе бидат донесувани во најтесна соработка и со учество на медиумските претставници, во насока на остварување на примарната должност на медиумите за континуирано, независно и слободно информирање во интерес на општеството и граѓаните, и согласно нивните обврски што произлегуваат од одобрените лиценци за работа.“ - велат од Владата.

Вицепремиерот Бујар Османи не сака да се меша во работата на медумите. Очекува добра соработка, особено сега во предизборниот период.

„Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел. Не би сакал како претставник на Владата да се мешам дали медиумите ќе дадат од тоа што ние го правиме како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, но нивно право е како ќе ги и претстават настаните.“ - изјави Османи. 

Од регулаторот велат дека официјално не се информирани за евентуален бојкот и засега не се мешаат во комуникацијата меѓу телевизиите и Владата.

„Официјално, дека постои бојкот не можеме да кажеме бидејќи нема ниту таква најава, ниту изјава од медиумите. Колку што ги гледавме изминатите денови, има извештаи за активностите на владините функционери, меѓутоа многу често не се пренесуваат тонски парчиња од нив.“ - изјави Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

Тој рече и дека во изборен период медиумите се почувствителни, па треба и да го намалат влијанието на владините функционери, зашто со техничката влада се креираат настани кои и немаат вистинска суштина.

Од новинарските здруженија денеска излегоа со став дека не се мешаат во односите на сопствениците на медиумите и Владата, но дека принципиелно, правото на инфромирање на граѓаните е неприкосновено. Било каков интерес, особено ако станува збор за бизнис интерес, велат од здруженијата, тоа не би требало да се меша со уредувачката политика. Побараа телевизиите и Владата да ја објаснат природата на овој судир, во интерес на јавноста.

0 Коментари

Остави коментари