Илјадници на протести во Белорусија, по десквалификацијата на двајца ривали на Лукашенко
Foto

Илјадници на протести во Белорусија, по десквалификацијата на двајца ривали на Лукашенко

Илјадници граѓани излегоа синоќа на улиците на Минск, откако Централната изборна комисија на Белорусија одлучи да не ја прифати кандидатурата на двајцата главни опоненти на претседателот Александар Лукашенко за претседателските избори, планирани за следниот месец, јави Би Би Си.

Протестите во Минск, и во други белоруски градови беа претежно мирни.

Групата која се бори за човекови права Виасна соопшти дека синоќа се уапсени повеќе од 35 лица, меѓу кои и неколку новинари.

Изборната комисија на Белорусија одби да ја прифати кандидатурата на кандидатот на опозицијата, банкарот Виктор Бабарико, со образложение дека тој е во притвор и дека против него се води кривична постапка под обвинение за изнесување на 430 милиони американски долари од земјата со примена на нелегални шеми за перење пари.

ЦИК исто така ја отфрли кандидатурата на Валериј Цепкало, поранешниот амбасадор, кој сега управува со технолошкиот парк за хај-тек компании, оспорувајќи ја валидноста на потписите на неговите приврзаници. Тие двајца кандидати се сметаа за последните кои се во состојба да го загрозат 26-годишното владеење на Лукашенко. Речиси сите политички ривали на Лукашенко се во притвор или под истрага.

Делегацијата на ЕУ во Белорусија оцени дека одлуката на ЦИК го „подрива интегритетот и демократската природа на изборниот процес“.

0 Коментари

Остави коментари