Илиев во СТУДИО 10: Разузнавањето треба да биде ефикасно, под контрола и да не служи за внатрешнополитички пресметки
Потребна е реформа на безбедносните структури, но прашање е како ќе дојде до спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Така ќе добиеме една агенција која ќе има повеќе ресурси. Но, треба да се внимава да не стане партиска структура. Исто така, битно е како ќе се направи структурата на новата агенција и таа структура да биде логична, вели експертот за безбедност Александар Илиев во СТУДИО 10 на ТВ 24.
- Клучно во дебата е дека не се клучни разузнавачите туку политичарите, политичарите се оние кои ги поставуваат побарувањата од разузнавачите кои потоа постапуваат согласно тие барања. Ние имавме координативно тело за таа намена кое требаше да создаде ефикасна разузнавачка служба. Но, прашање е дали тој процес е формализиран и дали разузнавачите работат за интересите на државата. Примамливо е за политичарите да ги злоупотребуваат овие агенции за прибирање информации за политичките противници. Затоа, треба да има пишан траг и контрола од Собранието. Во новата агенција исто така треба строго да се пропише кој што и како ќе работи преку прецизни правилници, вели Илиев.
Илиев вели дека во законите на АБ и АНБ има задачи кои се преклопуваат како тероризам, хибридни закани и слично. Тој додава дека практично имаме две служби кои имаат исти задачи но одговараат пред различен одговорен - АБ пред претседателот, а АНБ пред Владата.
- Се надевам дека конечно ќе престане тенденцијата разузнавањето да служи за внатрешнополитичка пресметка, потенцира Илиев.

