ИЈЗ: 85 смртни случаи од ковид за една недела

20,6 отсто од моментално хоспитализираните пациенти и 23 отсто од починатите во последните седум дена биле вакцинирани. Од Министерство за здравство за Телевизија 24 велат дека во државава хоспитализирани се 563 пациенти. Помеѓу хоспитализираните пациенти има вакцинирани со вакцини од сите произведители

- Во моментов во болниците во државата хопситализирани се 563 пациенти, од кои 116 се вакцинирани. Министерството за здравство за комплетно вакцинирани ги смета, граѓаните кои примиле две дози вакцини, а од ревакцина поминале 14 дена. Во текот на минатата недела од вкупно починати 129 пациенти со ковид, 99 пациенти биле невакцинирани. - велат Министерство за здравство.

Во меѓувреме, земјава бележи пад на нови позитивни и смртни случаи од ковид-19 во последните седум дена. Во текот на изминатата недела регистрирани се 85 смртни случаи во 24 градови, што е за 23 случаи помалку од претходниот извештај. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, најголем дел од нив се од Скопје. Бројот на нови позитивни случаи е намален за 9 отсто. 

- Најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години, 40-49 години  и 30-30 години. моментално се хоспитализирани 600 лица, а од нив 382 се на кислородна поддршка и 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. - велат од Институт за јавно здравје.

Досега се вакцинирани се вкупно 789.802 лица со една доза на вакцина, а со две дози комплетно се вакцинирани 734.023. Најголем процент на вакцинирани граѓани има во Скопје, Битола, Охрид, Куманово и Тетово, а најмал во Демир Хисар, Кратово, Крушево, Македонски Број и Пехчево. 

Според извештајот на Институтот за јавно здравје се проценува дека земјава се уште е во фаза на широка трансмисија.