Игротеките бараат финансиска помош и датум за повторно отворање
Foto

Игротеките бараат финансиска помош и датум за повторно отворање

Игротеките во Македонија 80 дена се без детски џагор и работа. Кризата предизвикана од коронавирусот создаде проблеми со исплата на платите , плаќање на сметките и кириите, велат од Групацијата на забавни и рекреативни дејности. Загубите се големи, а исклучително важно е, како за вработените во игротеките за деца така и за родителите и за децата, хигиената да биде на највисоко ниво , токму поради тоа од таму бараат финансиска помош за секторот.

„Потребна е одредена помош од Владата со која би се обезбедиле средства неопходни за превенција и заштита при работа во нашата дејност. Второ, за задржување на работните места и дејноста да може да опстои, потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец“. - Трајко Николовски.

Од групацијата очекуваат игротеките да бидат отворени со отварањето на градинките и другите установи за згрижување на деца. Тие очекуваат средба со надлежните и одговори на нивните прашања и дали како и во градинките,и кај нив ќе биде потребен скрининг на вработените. Претходно ,министерот за здраство , Венко Филипче најави дека скринингот во градинките се очекува да заврши на 15 јуни , по што се очекува нивно отворање .

Иако работата им е намалена за 100 проценти и не остваруваат никаков промет, од групацијата информираат дека засега во оваа дејност нема отпуштање на вработените .

Родителите своето кафе веќе можат да го испијат во некое од кафулињата, но децата и понатаму остануваат подалеку од детските игротеки, се додека Владата не донесе одлука за нивно повторно отварање но и протоколи на нивна работа.

0 Коментари

Остави коментари