Идејата на Јовески за фронт за борба со корупцијата не наидува на сериозен одек кај институциите и правната фела

Нема потреба од формирање на посебно тело т.н национален фронт за борба против корупција во кое би учествувале ДКСК, МВР, Финансовата полиција, и други институции како што предлага државното обвинителство ако сите овие институции кои тој ги набројува си ја вршат својата работа и соработуваат меѓу себе вели претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска во краток телефонски разговор за ТВ 24.

Ивановска додава дека ДКСК како тело и до сега соработувало и натаму е спремно да соработува со сите институции во борбата против криминалот и корупцијата.

Од МВР пак во одговорот до ТВ 24 на ова прашање наведуваат:

- Системот за борба против корупција и криминал во земјата е веќе цврсто поставен и опфаќа повеќе институции надлежни за спроведување на законот, но и граѓанското општество како еден вид кателизатор за превенција од корупција со што би се развиле добрите практики. И тоа е во основа фронт за борба против корупција. Оттука не ја гледаме потребата од формирање на некоја нова институција туку зајакнување на постојаниот систем.

И дел од правната фела со сличен став. Универзитетскиот професор Гордон Калајџиев во разговор за ТВ 24 објаснува дека сите овие институции и до сега соработуваат а поразителните резултати се само аларм како што вели дека Јовевски треба да си замине од позицијата наместо да ја замајува јавноста со такви иницијативи и предлози .

И дел од партиите со поделени мислења откако од СДСМ пак и денеска само кратко велат дека поддржуваат се што е во насока на гонењето на организираниот криминал и корупција а од ВМРО-ДПМНЕ со став дека институциите мора законски да си ја вршат својата работа.

Со обвинување на адреса на институциите вчера пак на собраниска комисија пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче кој иако е дел од владината коалиција сепак изнесе критики за начинот на кој функционираат судските инстанци и обвинителствата давајќи го како пример струшкиот градоначалник Мерко за кој вели дека власта и премиерот пред јавноста говорат како ништо не знаеле додека САД им ги отвара очите.

- Знаеме како се избрани и токму тие обвинители и судии и се сѐ уште на функција и токму тие обвинители ги чуваат во фиоки случаите на актуелниот градоначалник г-дин Рамиз Мерко во врска со корупцијата. Да биде иронијата уште поголема, премиерот Ковачевски во изјава е изненаден што ние внатре не знаеме дека Рамиз Мерко е корумпиран, додека Америка знае. - вели Снопче.

Републичкото обвинителство вчера преку соопштението во кое осврнувајќи се на актуелните случувања и предмети во борбата против организираниот криминал и корупција и идните активности меѓу другото излезе и со овој предлог за формирање на посебно тело како национален фронт во борба против корупцијата.