И тројцата градоначалници на Кочани се меѓу осомничените во истрагата за дискотеката

Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, тројцата градоначалници на Кочани од 2012 до оваа година, како и екс директори на Државен пазарен инспекторат овозможиле кабарето „Пулс“ да работи спротивно на Законот за угостителска дејност.

Според обвинителството, општината примала уплати за надоместок од „Пулс“.

„Осомничените тројца градоначалници на Кочани, во период од 2012 до 16.03.2025г. Како и осомничен поранешен директор на ДЗС не ги извршиле своите правни обврски согласно Закон за заштита и спасување со што овозможиле кабаре „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон.За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.“ - Љупчо Коцевски државен јавен обвинител.

Теоретски, адвокатот Јанаки Митровски вели дека независно кои градоначалници биле треба да одговараат затоа што при пренамена на објект потребно е да се направи одредена процедура за да на крајот да биде потпишана од градоначалник.

„За пренамена е потребна истата процедура да се помине како за дозвола за градба и таа дозвола на крајот ја потпишува самиот градоначалник. Ако зборуваме за ингеренции за угостителска дејност таму градоначалникот води регистар на ниво на општина за кабареа, ноќни клубови, угостиелски објекити и до него се пушта пријава, покрај до Државниот пазарен инспекторат, по правилник за минимално технички услови. Нивната одговорност е легитимирана, не е  дека тие се без никаква одговорност.“ - Јанаки Митровски адвокат.

Адвокатот Александар Тортевски пак, во „Анализа“ кажа дека цената ја платија оние кои биле надвор од корумпираниот систем.

„Оваа дискотека можел да ја затвори било кој судија, затоа што има легитимација и има право да реагира, било кој полицаец. Меѓутоа, нашето „имам човек во општина, имам човек во министерство, знаеш ли кој сум јас“, врските, сликите со премиери, со министри, покажување, во кампања собирање во вакви објекти да ручаат. Сето тоа е нешто што сега го плаќаме најскапиот можен начин.“ - Александар Тортевски адвокат.

Тројцата градоначалници на Кочани, се уапсени заради пожарот кој настана во „Пулс“. Од Обвинителство веќе соопштија дека доказите кои досега ги имаат упатуваат на кривични дела Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.