И покрај бурните реакции на јавноста на охридското крајбрежје не престанува да се гради
„Парапетчето” во автокампот „Градиште“ деновиве се повторува и на други локации на охридското крајбрежје. Граѓани алармираат дека и во населбата „Св Стефан“ на самиот брег никнува нова дивоградба.
Од општина Охрид потврдуваат дека нивната инспекција утврдила дивоградба, но не откриваат како ќе се постапи кон истата. Во меѓувреме Активистите на „Охрид СОС“ прашуваат дали ова е начинот со кој се штити природното и културното наследство?
„Општина Охрид е дефинитивно поразена од урбаната мафија, од поединци и групи кои на секој начин сакаат да узурпираат што повеќе од брегот на езерото. Вака ли ќе изгледаше справувањето со проблемите и препораките на УНЕСКО? Или мислевте дека после предавањето на извештајот никој нема да проверува? Конечно маските се тргнати и знаеме дека ниту вас ниту опозицијата воопшто не ве интересира природното ниту културното наследство на охридскиот регион“ – велат од „Охрид СОС“.
И граѓаните сведочат дека градежната офанзива не е запрена. Дури и ѕидот кај Градиште кој на 18-ти мај почна да се остранува не е срушен целосно туку напротив деновиве сопственикот на објектот го доградил до самиот брег. Без дозвола никнуваат и други објекти, а состојбата на крајбрежјето кај Пештани и Градиште навистина е загрижувачка.
Ваквата ситуација предупредуваат екологистите дополнително ќе го влоши решавањето на проблемот со УНЕСКО и ако Владата не го прифати барањето на Антикорупциската таа да почне да руши час поскоро, на следната сесија на комитетот одлуката за Охрид нема да е поволна.
Денеска и од Зелената партија ДОМ бараат Владата да им ги одземе ингеренциите на општините Охрид и Струга и да го превземе отстранувањето на дивоградбите. Така велат ќе се обезбеди реализирање на посветеноста за зачувување на исклучителната универзална вредност на охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО.