И обвинителот Јовевски се залага за ветинг во судството

Индиректно, првиот човек на обвинителството Љубомир Јовевски дава поддршка за ветинг во судството. Порачува дека во третата власт треба да останат само професионалци. На иста линија со Јовевски за проверката на сработеното на функционерите во правосудниот систем е и шефицата на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска. 

Јовевски потсетува дека новите реформски закони предвидуваат основи за одговорност на јавните обвинители и отповикување на членовите во Советот на обвинители. Наместо проверка на сработеното и на имотот на судиите, претседателот на здружението на судиите Џемали Саити вчера порача дека подобра варијанта е самоевалуација. Поддршка за ветингот пред извесен период даде и првиот човек на Кривичен суд, Иван Џолев. 

Ветинг процесот се почесто го употребуваат и полтичарите деновиве. Го актуалзиираше пратеникот Артан Груби, како „план Б“ на метлата на премиерот Заев. Според најавите деталните проверки најверојатно ќе почнат од МВР, кадешто се подготвува законот за нивно спроведување . За да ги имплементира длабоките судски реформи Албанија пред две години го почна процесот на ветинг со претходно донесување на посебен закон. Албанија условно е прогласена за прва земја во светот со колабирани судови , Проверката не ја помина претседателот на Уставниот суд и неговите колеги, слично е сицуацијата и со Врховниот суд, а 500 полицајци сами ја напуштиле работата откако прво одбиле да го пополнат формуларот. Ветингот опфати три нивоа на проверка: преиспитување на имотот, контрола на личноста за да се види дали имале контакт со криминалци и оценка на професионалниот капацитет.