И највисоката плата во Македонија погодена од кризата-од 130 000 евра намалена на 125 000 евра
Пандемијата ја зголеми нееднаквоста меѓу луѓето. Тие што имаат, сега имаат повеќе. Тие што немаат, корона кризата ги направи посиромашни. Анализите на невладината ЗМАИ покажуваат дека најмногу настрадале оние со мали плати, но сепак короната кризата го погодила и човекот кој во Македонија ја зема највисоката плата.
Не се открива неговиот идентитет. Но според податоците на УЈП, највисоката плата во февруари лани била 130 илјади евра, а во јуни таа паднала на 125 илјади евра. Но сепак, од невладината потенцираат дека најбогатите 1% во Македонија не живеат од плата, туку од дивиденди, ренти, капитални добивки.
Дури 40% од компаниите во земјата земале државната помош за исплата на плати. Од буџетот цела пандемиска 2020 година за тоа биле потрошени 130 милиони евра. Плата со помош на државата добиле 133 илјади работници. Министерот за економија вели дека државната помош преку ковид мерките дава резултати, но во Собранието се уште има заглавени Закони.
Бизнисот се уште трпи штети од пандемијата, посебно што во земјата се уште не е започнато масовното вакцинирање на населението. Проценките се дека економијата ќе се опорави следната година. Во меѓувреме јавниот долг ќе се искачи на 62,8% од БДП.