И фестивалот на античка драма „Стоби“ не доби ни денар државна помош за одржување
Foto

И фестивалот на античка драма „Стоби“ не доби ни денар државна помош за одржување

Фестивали и манифестации со долги традиции и од витално значење за културата на земјава останаа без пари или со симболични износи по објавувањето на распределбата на пари од годишната програма за култура. Фестивалот на античка драма во Стоби, еден од двата такви во Европа, кој опстојува 18 години, не доби ниту денар од државата. Слично е и со Рациновите средби, една од трите најважни поетски манифестации во Македонија, која доби симболични 100 илјади денари. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски го повика министерот Адеми да го ревидира целиот конкурс.

„Сметам дека најавата на министерот за култура за преиспитување и анализирање само на одбиените проекти не е доволно, треба да се направи темелно преиспитување на распределбата на сретствата,“ - вели Аце Коцевски – градоначалник на Велес.

Со реакција денеска се јави и здружението на историчари, кое е најстаро историско здружение во Македонија. Министерстовто за култура втора година по ред не им одобрува пари за списанието „Историја“, во кое во минатото свои трудови објавувале великани на македонската мисла од сите етникуми кои живеат во земјава. Додека за здружението на историчари на Македонија нема пари, здружението на историчари Албанци добива 123 илјади денари за две списанија, велат од „Зирм“.

Членовите на Комисијата што ги разгледуваше пријавите, веројатно сметаат дека тоа што „Историја“ е наднационално списание, во кое, како ретко каде, најсликовито се изразени мултиетничноста и мултиконфесионалноста во нашата држава, не претставува национален приоритет.

Бурни реакции за распределбата на парите дојдоа од многу културни работници и институции, како Скопскиот џез фестивал, фестивалот Таксират, стрип центарот на Македонија. Дел од нив тврдат дека некои уметници на сметка на други добиле огромни пари. Една од оние кои беа посочени е режисерката Нела Витошевиќ која ќе режира четири претстави вредни 4,8 милиони денари. Таа преку фејсбук денеска вели дека дел од проектите на кои ќе работи се префрлени од лани, дека за овие проекти не конкурираат режисерите, туку театрите и дека тоа се пари за продукција на претставите, а не за лични хонорари.

0 Коментари

Остави коментари