И Европската Комисија сака почеток на ЕУ преговорите до крајот на јуни

За прв пат денеска Европската Комисија се изјасни за временски рок за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, за време на презентацијата на извештајот на европратеникот Илхан Ќучук.

Во име на Европската Комисија се огласи еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеји попладнево во Европскиот Парламент. По воведот на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук, на неговата резолуција за земјата, Рејндерс повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

- Земјите членки на ЕУ донесоа одлука во март 2020 да ги отворат преговорите со Албанија и Северна Македонија, сега е време да се испорача и официјално да се отворат со двете земји пред крајот на француското претседателство, изјави еврокомесарот.