И денеска реакции по идејата за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија во Европскиот парламент
Владата чека одговор, опозицијата менува реторика - предлогот за заедничка разолуција во ЕП, донесе бура од реакции дома и политичка тишина од Софија.
Откако лидерот на опозциската СДСМ Филипче пред 5 дена, побара предлогот на Мицкоски да се дискутира во Собранието и порача - ако е сериозен ќе го поддржи, од СДСМ денеска со нова реторика – предлогот за заедничка резолуција со Бугарија за македонскиот јазик и идентитет е штетен и е удар врз македонските позиции. Порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема сојузници и влијание во Европскиот парламент и дека потврда за тоа беше гласањето на извештајот за напредокот на земјата.
Кристина Костова – попретседателка на СДСМ - Ваквата резолуција би значела нов пораз во ЕП. Штетни и исклучиво за тесно политички интереси се овие непромислени политики на ВМРО-ДПМНЕ со кои самите го оспоруваат она што веќе никој не го оспорува. Прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ свесно сака да ја втурне државата до пораз за потребите на своја кампања? Дали ова не е уште едно договорено сценарио со дел од ним блиски бугарски европратеници за креирање повторно страв за македонскиот јазик и идентитет?
Идентитетот и јазикот се неоспорени, ВМРО ДПМНЕ ги проблематизира и ги продава за неколку тапкања по рамо и европски аплауз, порачаа од Левица.
Левица - Наместо цврсто да стои на ставот дека македонскиот јазик и идентитет (одамна признаени од ОН и научната јавност) се неспорни, МНР се надоврзува на срамната Резолуција на Европскиот парламент со обид за нејзина практична имплементација, токму она што Софија со нетрпение го очекува. Заедничка резолуција со земја која со децении ги негира нашите основни права и има иредентистички аспирации значи прифаќање на услови кои директно го поткопуваат македонското самоопределување.
И додека официјална Софија молчи - макеоднската научна фела, вчера, имаше остри критики кон власта – порачаа дека предлогот е потенцијална стапица за земјата. Академик Ќулавкова напиша - Да се бара од соседна Бугарија заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија и крајно неодговорен чин. Професорката Јачева Улчар од институт за македонски јазик, порача дека стратегијата на владата носи ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог.
Шефот на дипломатијата Муцунски пак и порача на академската фела да биде свесна за политичката реалност, а на Бугарија да не биде заглавена во 19тиот век. И премиерот Мицкоски изјави дека предлогот е резултат на ставот на бугарскиот претседател Радев – дека уставните измени се единствениот услов. Покрај резолуцијата Мицкоски побара и спроведување на пресудите од Стразбур и регистрација на ОМО Илинден Пирин.

