И бугарската министерка за надворешни работи го напушти Скопје пред да стигне Лавров

Ентони Блинкен и Сергеј Лавров се разминаа во Скопје. Се разидоа и ставовите на САД и Русија за актуелните настани, иднината на ОБСЕ, војната во Украина, случувањата на Балканот.

Блинкен беше дел од лидерската вечера и замина за Израел, а Лавров одржа долг говор кој беше бојкотиран од дел од делегациите. Несогласувањата меѓу Западот и Русија продолжуваат и по завршувањето на 30 министерски самит.

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел откри дека само неколку часа престојувала во Скопје, и исто како американскиот државен секретар, си отишла пред да пристигне првиот човек на руската дипломатија.

„По таа вечера, мислам дека моето присуство таму не требаше да биде физичко, па затоа заминав. Не сакам да присуствувам со претставници на земји кои не прогласија за непријателски .“- изјави Марија Габриел вицепремиер и министер за надворешни работи на Бугарија.

Британскиот министер за вооружени сили, Џејмс Хипи, пак вели дека руската влада во јавноста се обидува да наметне слика дека желбата на луѓето да се приклучат на НАТО или ЕУ ја преставува експанзионистичка политика на западот. Според британскиот министер, ОБСЕ е веројатно една од последните организации во рамките на Европа каде се дискутира за безбедноста, а каде Русија, е се уште поканета.

Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода, суверенитет, територијален интегритет, демократија, сите работи што се вградени во западните организации како ЕУ и НАТО. Затоа сметам дека е многу важно оние кои сакаат да бидат на евроатлантскиот пат да бидат поддржани во тоа.“ - изјави Хипи.

Тридневниот минситерски совет на ОБСЕ во Скопје беше еден од најтешките која организацијата ги имала од нејзиниото основање а во прашање беше доведен дури и нејзиниот опстанок. После долги преговори, беше одлучено Малта да биде претседавач со организацијата во 2024 година. 57 -те земји членки донесоа и одлука за продолжување на мандатите на првите луѓе на четирите најзначајни институции на организацијата.