Гвардиола вели дека ништо не е готово, Зидан жали за падот на концентрацијата
Foto

Гвардиола вели дека ништо не е готово, Зидан жали за падот на концентрацијата

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола по триумфот (2:1) над Реал Мадрид во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите истакна дека борбата за пласман во следната фаза сè уште не е завршена.

– Начинот на кој игравме е многу важен. Се обидовме да победиме. И ние се снајдевме на овој стадион и покрај водството на Реал. Но, ова е само првиот дел. Тимот покажа дека е во состојба да се извлече од оваа ситуација благодарение на своето искуство. Се разбира, ова е добар резултат пред реваншот, изјави Гвардиола.

Тој им замери на своите избраници за начинот на кој го примија голот.

– Не смееме да примаме такви голови. Во нападот бевме добри. Создававме шанси во текот на целиот натпревар, но Куртоа бранеше многу добро. Победата на „Сантијаго Бернабеу“ е големо задоволство. Не сме навикнати на вакви резултати, но ова укажува на тоа дека можеме било каде да победиме, нагласи шпанскиот тренер.

Тренерот, пак, на Реал Мадрид, Зинедин Зидан исто така го коментираше резултатот од натпреварот од осминафиналето.

– Цели 75 минути игравме добро. Незадоволни сме од поразот, но борбата трае 180 минути. Сега треба да најдеме нешто позитивно. На крајот не се заврши добро, но ние одигравме добро ако не ги земете предвид последните минути. Сега, ако сакаме да одиме понатаму, мора да победиме таму (во Манчестер). Имаше грешки во одбраната, но ова е дел од фудбалот, тоа е сè. Се обидовме, дадовме сè на теренот. Немавме доволно концентрација уште 10 минути во многу тежок натпревар и плативме за тоа, рече Зидан.

Реваншот во Манчестер е закажан за 17 март.

0 Коментари

Остави коментари