Гувернерката на Њујорк тврди дека поплавите се резултат на климатските промени и „новото нормално“

Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, изјави дека обилните дождови што донесоа изненадувачки поплави во Њујорк се резултат на климатските промени кои веројатно ја  одразуваат „новата нормалност“.

-Се разбира, знаеме, ова е резултат на климатските промени. Ова е, за жал, она што треба да го очекуваме како ново нормално, рече Хочул, пренесоа британските медиуми.

Таа предупреди на поплави опасни по живот и прогласи вонредна состојба во Њујорк, Лонг Ајленд и долината Хадсон, а воедно го поздрави одговорот на владата и кажа дека нема пријавени смртни случаи и покрај силниот дожд.

Хочул додаде дека вонредната состојба, што овозможува побрза распределба на ресурсите за решавање на кризата, ќе остане на сила во следните шест дена.

Гувернерката на Њујорк кажа и дека разговарала со лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер и дека ова тело е подготвено да поддржи федерална декларација за катастрофа доколку е потребно.

Во некои делови на Њујорк наврна и до 20 сантиметри дожд, а многу училишта, градското метро, ​​улици и автопати беа поплавени.