Густ чад над Радовиш, жителите реагираат: Предолго сме изложени на токсични материи

Густ чад утринава го прекри Радовиш поради пожарот на градската депонија, која гори веќе петти ден, по што локалните власти информираа дека се превземаат сите мерки за целосно да се реши проблемот со чадот. На терен е ангажирана целокупната расположлива механизација, со цел депонијата да биде покриена со земја. Според градоначалникот на Радовиш, Љупче Почивалец, тоа е единствениот начин за задушување на чадот.

Иако во моментов нема отворен пламен, депонијата и понатаму испушта густ чад, кој се спушта над градот. Во меѓувреме, Кризниот штаб одржал неколку состаноци и, во консултација со Центарот за јавно здравје – Штип, биле донесени препораки за заштита на населението. Главната препорака која ја упатуваат до граѓаните е да не излегуваат надвор доколку немаат итна потреба и апелираат до сите граѓани да ги почитуваат и останатите препораки, со цел заштита на здравјето и безбедноста.

КРИЗЕН ШТАБ РАДОВИШ

• Прозорците и вратите во домовите и работните простории да се држат затворени;

• Да се исклучат клима уредите и системите за вентилација кои внесуваат надворешен воздух;

• Да се користат заштитни маски што филтрираат честички, при што најдобра заштита обезбедуваат маски од типот FFP2, FFP3 или N95;

• Да не се дозволува престој на деца на отворено, особено во дворовите на градинките и училиштата;

• Посебна заштита да се обезбеди за ранливите категории граѓани – децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања, кои треба да останат во најзаштитените простории;

А доколку се појават симптоми како отежнато дишење, кашлица, печење во очите, вртоглавица или други здравствени тегоби, веднаш да се побара медицинска помош, додаваат од Кризниот штаб. Меѓутоа, дел од жителите на Радовиш преку социјалните мрежи бараат итна реакција од здравствените институции поради, како што наведуваат, изложеност на токсични материи и загриженост за здравјето на населението.

ФЕЈСБУК ОБЈАВА 

„Нема потреба од паника, но населението има потреба од заштита. Надлежните се на терен, ситуацијата ја држат под контрола и ќе се справат со настанатата состојба. Но, населението мора да биде заштитено, бидејќи предолго сме изложени на токсични материи.

Инаку, во Радовиш депонијата веќе подолг период претставува проблем, од која при пожар и чад се шири непријатна миризба и потенцијално штетни материи, што дополнително ја зголемува загриженоста кај граѓаните за квалитетот на воздухот и здравјето на населението.