Групи слични на „Јавна соба” се' уште се активни на Телеграм
Една група се затвори повеќе нови „Јавни соби“ се отвораат откако мобилната апликација „Телеграм“ ја затвори главната група со над 8.000 членови од Македонија но и луѓе од соседна Србија.
Една година по обелодувањето на случајот со групата „Јавна соба“ од МВР не одговараат зошто на полицијата и' требаше една година и повторното актуелизирање на случајот за експресно да реагира и да приведе неколкумина осомничени и да успее да издејствува руската апликација “Телеграм“ да ја затвори групата.
До сега МВР приведе четири луѓе, двајца од Битола и по еден од Велес и Штип. На сите нив им се одземени мобилните телефони кои полицијата ги вештачи во потрага по докази дека во оваа група биле споделувани порногарфски и еротски материјали.
Од скопското јавно обвинителство велат дека предметот за „Јавна соба“ е оформен уште во јануари минатата година, се' уште се работи на него и сето тоа во координација со Министерството за внатрешни работи. Од обвинителството не прецизираат дали предметот се' уште се наоѓа во предистрага или веќе е покрената истражна постапка.
„Основното јавно обвинителство Скопје веднаш упати барање за прибирање податоци до „Телеграм“ за да се утврди кој е креатор, кои се администратори на групата, како и нивните телефонски броеви и ИП адреси на пристап до мрежата. Во меѓувреме во предистрагата беа одземени мобилни телефони од две лица вклучени во креирањето на групата и од нив беа извадени податоци од значење за постапката“. - ОЈО Скопје.
Во меѓу време експертите предупредуваат дека проблемот нема никогаш да се реши ако не се створи систем кој мора беспрекорно да функционира.
По повторното актуелизирање на „Јавна соба“ министерството за правда најави дека ќе предложи измени во Кривичниот законик во кој ќе биде воведено кривичното дело „демнење“.
Освен експлицитните фотографии, во групите како „Јавна соба“ се споделуваат и фотографии и лични податоци на девојки и жени преземени од социјалните мрежи.
„Јавна соба“ доби и политичка димензија. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски го обвини актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека ги брка жртвите кои го пријавувале злоставуањето а додека министер беше Наќе Чулев случајот бил решен за еден ден.
Под мотото „Не си сама“, во среда ќе се одржи протест против злоставувањето на сите оние кои го поминале пеколот на групите како што е „Јавна соба“.