Група мигранти откриени во возило на автопатот Неготино - Градско

Контролирале несовесни возачи, фатиле 18 бегалци, напикани во товарно возило. Велешките полицајци вчера имале успешен ден.

Во близина на археолошкиот локалитет „Стоби“ кај Градско спречиле нелегална трговија со мигранти, кога попладнето, околу 14:30 часот сопреле камион марка „Форд“ со скопски регистрации.

Во товарниот дел од возилото пронашле 18 полнолетни бегалци, сите од Бангладеш. Возилото го управувал 33-годишен скопјанец, кој при апсењето не давал отпор.

18-те мигранти се однесени во прифатниот транзитен центар Винојуг кај Гевгелија. Сега, на возачот му се заканува висока казна затвор. Олеснителна околност е што меѓу мигрантите нема малолетници, за чие криумчарење казните се уште поригорозни.

Во последните два месеци велешката полиција во три наврати спречила шверц со мигранти. Бегалците често се и мета на разбојништва, но и на несреќни случаи, како оној од пред еден месец, кога спиејќи на пругата, мигрант беше прегазен од воз.