Груевски за луксузните станови на Водно

Поранешниот премиер Никола Груевски за кого откако во 2018 година ја напушти државава и тогашните власти побараа екстрадиција се огласи на социјалните мрежи во врска со објавените огласи за три станови на Водно на веб страната на Агенцијата за одземен имот.

Според огласот почетната цена за два стана со површина од околу 200 метри квадратни и тераси од околу 50 метри квадратни изнесува 850 000 евра, а за третиот стан од околу 150 метри квадратни и тераса од околу 95 метри квадратни почетната цена е 760 000 евра. За становите за кои Обвинителството за предметот „Плацеви на Водно“ тврдеше дека се скриен имот на Груевски, тој во објавата на социјалната мрежа „фејсбук“ демантира дека становите во „Панорама резиденс“ некогаш биле негови.

ФБ СТАТУС НИКОЛА ГРУЕВСКИ

„Пред да се одржи последната судска сесија во која Камчев имаше збор, тој беше повикан во обвинителството кај тогашната обвинителка Лиле Стефановска. Таа му ја соопшти уцената дека ако не каже така како што таа бара од него (читај Зоран Заев), веќе е договорено тој да добие затвор од 12 години, а неговата мајка Ратка Камчева и главниот правник од неговата фирма, слични екстремно високи долгогодишни затворски казни. Во тој момент, Јордан Камчев, за да се спаси себе си, мајка си и еден од најблиските соработници, прифати во целсот да ја промени приказната која ја говореше две години и да жртвува три стана од зградата која тој ја градел. За да не биде сам и да личи поверодостојно според сценарио предложено од обвинителката Лиле Стефанова и од Зоран Заев тој го повика за сведок и неговиот зет од сестра Мето Стојчевски и заедно ја спроведоа операцијата за која цел тој беше обвинет и уценет. Овие три стана до тој момент не беа предмет на обвинението.“

Обвинителката Лиле Стефанова за Телевизија 24 потенцираше дека има пресуда за предметот и дополнително нема да коментира.

Лиле Стефанова-обвинителка

„Не сум ја видела објавата, ниту ќе коментирам фејсбук објава на осудениот Никола Груевски. Има пресуда за посочениот предмет.“

Според објавата на страната на Агенцијата за одземен имот, заинтересираните ќе можат подетално да се запознаат со распоредот на апартманите на 16 јули, наддавањето ќе се одржи на 29ти.

За предметот „Плацеви на Водно“, Никола Груевски е осуден на девет години затворска казна со образложение дека злоупотребил 1,3 милиони евра донирани во ВМРО-ДПМНЕ и како претседател на партијата ги прибавил за себе па ги пуштил во оптек купувајќи ги плацевите и градејќи резиденции.

Кон крајот на декември 2023 година, Врховниот суд го одби како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на скопскиот Кривичен суд за овој предмет поднесено од осудениот поранешен премиер Никола Груевски.