Груевски со порака до пратениците пред уставните измени, Јанкулоска му порача се е поради грешки во минатото
Foto

Груевски со порака до пратениците пред уставните измени, Јанкулоска му порача се е поради грешки во минатото

Пазар со името и раскрчмување на државата – оваа порака на премиерот Заев му ја прати лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој и денеска им се придружи на демонстрантите, а по вчерашните критики и свирежи се качи на импровизираната бина од пред Собранието. Порача дека ќе направи се за договорот од Преспа да не успее.

Какви реформи на Кривичен законик, какви бакрачи, пазар за името и идентитетот е целата оваа операција. Треба на сите да им е јасно. Згора на тоа се отвора Пандорината кутија со етнички барања на останатите заедници кои што живеат во Република Македонија. Етнички барања на Албанците или попросто кажано нема некој што не уценува кога знаат дека си имаат работа со најголемиот уценувач и блефер чие што име е Зоран Заев.“ - изјави Мицкоски на протестот.

На ова реагираа од владејачката СДСМ. Велат дека на овој начин Мицкоски прави се за државата да не се интегрира во ЕУ и НАТО. Демонстрантите пак кои протестираат велат дека процесот кој се одвива во собраниските сали е со единствена цел за промена на уставното име и идентитет. На фејсбук прокоментира и екс премиерот Груевски. Им порача на пратениците да размислат добро пред да донесат одлука за гласање. 

„За пратениците на мнозинството, ова не е ноќ за спиење. Оваа ноќ е последна шанса за размислување и премислување со ставањето на националниот пред партискиот и/или личниот интерес. Ова се историски одлуки. Да, можен е подобар и пофер договор. Треба само верба, храброст, отфрлање на уцените, воља и време, за постигнување на двете: разумен компромис /фер договор и НАТО и ЕУ.“  напиша Груевски на фејсбук.

За коментарите на Груевски околу уставните измени, се огласи поранешната министерката за внатрешни од неговата влада, Гордана Јанкуловска, која му порача дека е лесно да зборува на социјалните мрежи на 800 километри од Македонија, притоа игнорирајќи ја реалноста таква каква што е поради испуштени шанси во минатото. Поради протестот против уставните измени пред и околу собранието во текот на целиот ден имаше засилено полициско обезбедување. Протестот заврши во вечерните часови, а ќе продолжи утре напладне со почетокот на собраниската седница.

0 Коментари

Остави коментари