Груевски има унгарско државјанство, евентуална екстрадиција во земјава станува уште потешка
Молскавично одекна веста што ја објави истражувачката агенција „ВиСквер“, која тврди дека поранешниот претседател на Владата на Македонија, Никола Груевски, поседува унгарско државјанство, кое, според агенцијата, му обезбедува целосна правна заштита и поголем имунитет од политичкиот азил што го доби по бегството во 2018 година.
Според истата агенција, ова е дел од скандалите што се поврзуваат со поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан.
Новинска агенција ВиСквер
„И делот ‘ексклузиви’ има многу интересни теми. Го откриваме случајот на еден од најдолго заштитуваните бегалци на Орбан: поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, кој ужива многу посилна правна заштита во Унгарија отколку полските бегалци што побегнале таму. Исто така, дојдовме до деталите на сценарио за тоа како самиот Орбан би можел да побара засолниште од кривично гонење“, стои во објавата.
Од Министерството за правда велат дека ја следат состојбата, но нагласуваат дека Груевски останува државјанин на земјата и дека се товари со правосилни судски одлуки и активни постапки. Оттаму додаваат дека се преземаат сите билатерални, правни и дипломатски чекори за негова екстрадиција.
Министерство за правда
„Министерството за правда внимателно ги следи информациите објавени во јавноста во врска со наводите дека Никола Груевски стекнал унгарско државјанство. Независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија, Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и лице кое е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки. Министерството за правда нагласува дека постапката за негова екстрадиција продолжува согласно домашното законодавство, билатералните договори и меѓународните конвенции. Во рамки на своите надлежности, Министерството и понатаму ќе ги презема сите неопходни правни и дипломатски чекори во комуникација со надлежните органи на Унгарија“, велат од Министерството.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, кусо одговори дека нема информации во врска со случајот.
Инаку, новиот статус дополнително ја комплицира можноста Македонија да обезбеди негова екстрадиција, особено ако тој и натаму живее на територијата на Унгарија. Груевски ја напушти Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред издржување на затворската казна за предметот „Тенк“, по што доби политички азил во Унгарија.

