Груби: Сите сме построени зад Али Ахмети

Нема најави за моја смена, останувам на функцијата. Нема раскол во партијата сите сме построени зад Али Ахмети, изјави првиот вицепремиер Артан Груби по неколкудневните прозивки од таканаречената „Огнена група“ за негова смена. Сепак Груби додаде дека без секого се може, вклучително и без него.

По синоќешното рандеву во партискиот штаб во Мала Речица меѓу Али Ахмети и дел од „огнените“, не се надминаа разликите. Наспроти лидерот на ДУИ кој се потруди да изгледа дека донекаде ги изгаснал искрите на „огнените“, нивните двајца фронтмени Блерим Беџети и Изет Меџити на социјалните мрежи демонстрираа лојалност кон ДУИ и Ахмети но останаа против извршната власт и барањето за смени.

Блерим Беџети на ФБ: „Со Ахмети сме пријатели, но останувам на ставот за промена во извршната власт.“

Изет Меџити на ФБ: „Заедно со лидерот Ахмети, но цврсти во ставот против извршната власт“

За Ахмети пак е природно да има несогласувања во кои не гледа ништо загрижувачко. 

Со верба во Ахмети дека ќе ја надмине ситуацијата и добро ќе ја изменаџира како и многу пати досега во синоќешната Анализа на ТВ 24 Вести, настапи поранешниот потпретседател на ДУИ, Рафиз Алити.

Инаку, „огнената група" ја сочинуваат дваесетина долгогодишни членови и функционери на ДУИ кои преку отворено писмо побараа одговорност од функционери на извршната власт, смена на Артан Груби и заложба од Али Ахмети за зачувување на партиското единство.