Грешка на гласачките ливчиња го стопираше гласањето на болните во Ново Село  

Гласањето на болните и изнемоштените лица во Општина Ново Село беше привремено прекинато поради техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња. 

На овие локални избори во Општината се пријавени околу 400 лица кои доставиле медицинска документација со која потврдиле дека не можат да излезат на избирачките места утре, па своето избирачко право требаше да го остварат денеска. 

Избирачките одбори утрово не заминале на терен, откако било утврдено дека на гласачките ливчиња постои несогласување во редните броеви кај двајца носители на советнички листи. 

За инцидентот веднаш била информирана Државната изборна комисија од каде потврдија дека гласачкиот материјал е повлечен и се печати нов, за да може процесот да продолжи без дополнителни проблеми.