Грчките медиуми за изјавата на Мицкоски: Нова провокација од Северна Македонија

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Тој го повтори ставот на Нова демократија, уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

„Би сакал од овде, од срцето на Македонија да бидам целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот.“ - изјави Кирјакос Мицотакис.

Опозициската СИРИЗА категорично го осуди новото провокативно прекршување на Договорот од Преспа од претседателот на ВМРО Мицкоски и го повика конечно да се усогласи со меѓународното право. Во соопштението од СИРИЗА велат дека „сакаат да го потсетат на принципот на меѓународното право дека договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат, како и на предвидените санкции што произлегуваат од меѓународното право при континуираното прекршување на Договорот од Преспа“. Потсетуваат и дека Договорот е предуслов за членство на Северна Македонија во Европската Унија и паралелно упатуваат апел, но и критики до актуелната грчка Влада.

„Ја повикуваме Владата на Мицотакис да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот од Преспа и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото раководство на Северна Македонија ќе се соочи со своите одговорности пред меѓународната заедница во случај да продолжи да го прекршува Договорот.“ - велат од Сириза.

 

Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски предизвика реакции и во грчките медиуми. Коментираат дека станува збор за „нова провокација од Северна Македонија и дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска“. Во текстови насловени „Северна македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; грчките медиуми ја пренесуваат изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршува договорот од Преспа нека се обрати до меѓународниот суд“.